Резултати за "конзервативци"

За да се занимаваме со теми како корупција, јавни набавки, состојба во издаваштвото и во културата, треба да се замислиме дека се наоѓаме пред смрдлив ќенеф, каде што најпрвин мора да земеме во рацете еден голем леѓен со вода и да заплиснеме оддалеку, за да направиме чекор повеќе.

Ако се’ до неодамна како граѓани се прашувавме каде одеа буџетските пари во владите на СДСМ, кои владееја без никакви посериозни реформи, вложувања во инфраструктура, модернизација, многу јасно ни стануваше дека парите испарува низ криминални афери од типот на Бачило, проневерите на Владо Димов итн.

Денес е повидливо каде се трошат јавните пари, но не и како и дали доволно одговорно.

Во контекст на јавната потрошувачка во политичките полемики конзервативците во САД негуваат концепт кој означува минимална присутност на државата во јавната сфера, во бизнисот, воопшто во животот на граѓаните. Освен, ако не сметаме на интервенционизмот кон банките во големата криза. Наспроти тој концепт, за социјалистички го сметаат оној модел што создава бавна, гломазна, многубројна, со тоа неефикасна, инертна, коруптивна администрација. Неолибералниот принцип бара од државата да остварува партнерство со непрофитни организации, со приватниот капитал.

Затоа, кај нас е неопходно погребување на бруталната партизација и можност за создавање автономни области. Сосема неоправдан е отпорот на десницата кон невладиниот сектор, поради очигледното преклопување на неколку НВО со левицата. Десницата, наместо систематско стимулирање, единствено ги употребува НВО како параван за дневнополитички диверзии. Од друга страна, никој не предлага сурова отсутност на државата, препуштеност сам на себе, особено кога имате мал пазар како нашиов.

Така, во последно време Владата се’ повеќе се фали дека вложува во културата.

Меѓутоа во се’ попродорната глобализација вложувањето во културата на сметка на класичната економија, која се лизга од рацете на суверената власт, е сосема нормална појава.

Главниот впечаток е дека и покрај огромните вложувања во македонската култура неколку години наназад, таа и понатаму е во 90 проценти аутистична, арогантна, самодоволна, со еден збор провинциска.

Пред околу една година дадов изјава дека препечатувањето на 130 тома македонска книжевност се залудно потрошени пари, „литература за огрев“.

И денес, каде се испечатените книги? Каква интеракција создадоа меѓу публиката и писателите? Ако воопшто може да се создаде однос кога се рециклираат дела што веќе ги има во изобилство низ библиотеките, по полиците и во подрумите.

Во меѓувреме следуваше втор мегаломански проект – печатење на нобеловци, кој чинеше баснословни 38 милиони денари. Но, на пример, шведскиот Нобелов комитет со години се критикува дека е американофобичен. Оттаму, дали со печатењето на нобеловците се заобиколува современата американска литература, во која има многу значајни имиња како Кормак Мекарти, Дон Делило, Филип Рот?

Деновиве следуваше нова најава за трет проект, помпезно насловен 500 светски книжевници.

Вкусот, кој е особено битен за автентичен културен амбиент, сепак, не се креира со инстант-еклектицизам, со топ-листи. Не може да влезеш во музичка продавница да ги побараш петте најдобри опери и набрзо потоа да станеш познавач на операта.

Коалицијата на државните комисии со издавачите и испреплетените интереси меѓу нив создаваат шкарт во преведувачка и естетска смисла.

Кога приватниот издавач ќе направи лош превод, доживува бојкот од читателот, а, кога државата прави лош превод, што се случува?

Принципот на доделување пари за книжевни списанија најдобро ги отсликува лошите критериумите и нивната преекстензивност: се финансира буквално секој што ќе аплицира, секој по малку и недоволно за да го мотивира уредникот, барем да експериментира со фонтовите на насловна.

А се’ уште нема ниту едно добро книжевно списание кое може да објавува млади и авангардни автори.

Човекот-уредник, обично некој писател од комунизмот кој го уредува списанието се’ уште објавувањето во неговиот малечок ѕиден весник го доживува како доделување Букерова награда. На интернет пак, одамна се обесени неговите песни кои служат за потсмев на луцидните тинејџери.

Истиот принцип важи и за субвенционираните автори, т.е. делата што ги пријавуваат. Од година во година варираат истите имиња, помалку морбидно, како починати претплатници на огласи кои и понатаму пристигаат бидејќи блиските заборавиле да ги одјават.

Во контекст на споменатата американска литература и еден куриозитетен податок. Имено, порано бев длабоко убеден дека национал-историските теми се причина за лошата македонска проза, но ме демантира славниот американски писател Томас Пинчон.

Во неговата претпоследна новела, Against the day, во која дејството се случува во повеќе земји во почетокот на 20 век, дел од приказната се одвива и во Македонија, а таму неизбежно Гоце Делчев и ВМРО. Пинчон умешно ја бележи националната борба без преувеличување и патетика, интересирајќи се за конспиративни елементи на воспоставеното паралелно општество од Организацијата.

Објавено во „Дневник“ 02.02.2010 г.

Во една поука од Умберто Еко се заклучува: Никогаш немојте да се вљубите во своето летало. Кога се појавиле првите цепелини, луѓето сметале дека ќе следи линеарна прогресија кон рафинирани, побрзи модели. Но тоа не се случило. После падот на Хинденбург 1937 кој го проголтал оган, работите отишле во друг правец. Во еден момент се чинело логички дека мора да бидете полесни од воздухот ако сакате да летате на небото – но се покажало дека мора да бидете потежок од воздухот за да летате ефикасно.

И покрај обесхрабрувачките тонови кои преовладуваа во јавноста, ова е мојата реакција на добивањето на препорака за влез во Европската Унија. Опозицијата беше цврсто убедена (вљубена во своето летало) дека решението е во попуштањето пред тврдата позиција на Владата на Караманлис, и тоа без да се води сметка дека таа политика е и аморална, затоа што проповеда дека евроинтеграциите ќе се должат на политички отстапки, а не на напори, направени реформи, и постигната слобода. Напротив решението ќе биде во издржувањето на тешкотијата, упорноста во преговорите, спознанието на сопствените сили, освојувањето на одамна забранетиот замок – граѓанската слободата.

Кога говориме за слободата, во последно време сме сведоци на се’ позачестените повици за забрана на одредена содржина во медиумите. Се прозиваат Владата (по централистички дух, се бара семоќната социјалистичка влада која расправа за подобноста на делата на Булгаков); институциите како советот за радиофузија кој е многу славен како контрапункт во социјалдемократскиот печат; и секако конзервативците. Очигледно, повикот за втемелување на извесни конзервативни вредности во македонското општество некои го сфатија како продолжение на пуританистички болшевизам, па бараат демохристијаните, конзервативците да реагираат со осудување на појавите во шоу бизнисот.

Ова е мошне контрадикторно, особено во време кога од истите во јавноста истражувањата во античкиот период, или грандиозните археолошки проекти во кои се вклучени безмалку сите дипломирани археолози, погрдно се нарекуваат со перверзен неологизам – антиквизација. Самата смелост да се погледне во Александар како во свое минато, е рехабилитирана во уметничките андерграунд кругови од 80тите. И таа авангардистичка традиција на десницата се следи и денес со новите тенденции.

Во капитализмот, особено, развиениот кон кој се стремиме, не може да се егзекутираат забрани какви што бараат некои морализаторски пера. Се што треба е да се испочитуваат антимонополските препораки на Европската Комисија.

Демохристијаните мора да ги чуваат слободарските традиции бидејќи нивна идеолошка срж е идејата за независна и слободна македонска држава, идеја која со децении систематски беше прогласувана за глас на лудите, ексцентриците, отпадниците. Не помалку важни се и истражувањата за историското ВМРО, и истражувачите мора да бидат ослободени од идеолошките тесноградости и фалсификати. Тоа може да го направи само слободен човек кој нема да стрепи пред се’ уште живи и агилни чувари на бледиот оган!

Особено е тешко да се говори за есенцијална слобода во време кога жестоко се саботирани повеќе проекти за подигање на јавниот морал и свест, како веронауката, и кога незапирливо се напаѓаат со најдолен опортунизам како политичка пропаганда, рекламократија, дисутопија што ли не, видео-спотовите чија цел е подигање на јавна свест. Во вакви услови, неопходни се авторски контра-проекти, пред се, на полето на продукцијата, филмска, телевизиска, но и книжевна и уметничка (кои нема да им бидат доделени на режисерите на левата опција чие најголемо уметничко достигнување засега, е снимањето изборни кампањи), проекти кои ќе водат кон повисоки вредности.

Кога ги гледам фигурите на мажите и жените кои безволно се движат зад нивните затворски ѕидови, заштитени, одделени на неколку куси часови, се вџашувам од можностите за драма кои се уште ги имаат во своите кревки тела. Зад сивите ѕидови има човечки искри, а сепак нема пожар. Дали ова се мажи и жени, се прашувам, или се сенки, сенки од кукли кои висат на невидливи нишки? Очигледно слободно се движат, но немаат каде да отидат. Само во едно подрачје се слободни и таму можат да скитаат колку сакаат – но се уште не научиле како да полетаат.

До денес нема соништа кои полетале, не се родил човек доволно лесен, доволно весел, за да ја напушти земјата.

Орлите кои некое време мавтаат со своите моќни крилја со тресок паѓаат на земјата. Не’ зашеметуваат со лепетот и шумот на своите крилја. Останете на земјата, вие орли на иднината! Небесата се истражени и тие се празни. А празно е и она што лежи под земјата, исполнето со коски и сенки. Останете на земјата и пливајте уште неколку стотици илјади години! Хенри Милер, Раковиот напоредник.

Објавено во „Дневник“ на 20.10.2009 г.

Наднационалното ќе се потпира врз национални темели
Роберт Шуман

Демократијата е есенцијално евангелска, нејзиниот двигател е љубовта
Хенри Бергсон

Новата генерација млади демохристијани мислам дека може да ја приближат Македонија до ЕУ поуспешно од кои било други субјекти. Тие и многу подобро може да ја опишат и да ја појаснат идејата кај населението, од досегашните снобови чиј ангажман е стерилен и покрај засилена употреба на зборови како интеграции, култура, обединување кои се изречени без вистинско значење, без страст, без стил.


Неопходно е да се испратат во пензија сите постсоцијалистички националисти кои културниот изолационизам го кријат зад идеја за цврст суверенитет. Политичарите кои веднаш по 1991 не воведоа лустрација и денационализација не може денес да фигурираат на политичката сцена, без разлика колку не’ убедуваат дека се преориентирале проевропски. Многу е важно тие што се одговорни за застојот од безмалку цела деценија во 90-тите да бидат маргинализирани. Некогашните закоравени југокомунисти денес се националкомунисти (еден вид македонски деголисти), но тоа национал не треба да збунува, станува збор за истиот антидемократски и тоталитарен концепт за уредување на државата т.н. прекрасна изолираност.

Всушност најголем отпор треба да се бара кај трговците – монополисти и универзитетските авторитети, особено оние што се вклучени во јавниот живот и уживаат некаква интелектуална слава. Повеќето од некогашните најистакнати марксисти преминаа на тврд национализам за да можат се’ уште да фигурираат, но само за да ги задржат своите стари идеолошки позиции. Без разлика дали одбраа национализам, неолиберализам, социјалдемократија, срцето најмногу им трепери на спомнувањето на Карл Маркс. За волја на вистината, европските интеграции може да се поврзат со некогашната Интернационала, и тоа е случај со Унијата, но како принцип на правда.

Не верувам ниту во 68-машите, (бидејќи тие во Белград бараа поголем социјализам) а ниту во квазиавангардни левичарски групи, кои под превезот АНТИНАТО пацифистички активизам, кријат длабок евроскептицизам и се инструменти на академските евроскептици. Мое убедување е дека ЕУ и НАТО одат во пакет и дека тие се неделиви.

Кога се зборува за Европа се прави една грешка, имено и најмала критика кон неа се прогласува за евроскептицизам, но треба да се прави разлика, што е научна расправа, а што политика.

Без нималку додворување, мислам дека кај народот има повеќе европотенцијал и тоа поради повеќе причини меѓу кои и тоа дека како народ имаме искуство со федерациско уредување, во тој поглед искуствата од Југославија може да ги пренесеме, па дури и колапсот што го претрпеа некои од институциите може да го прочисти патот за нови идеи.

Сметам дека младите конзервативци со тек на време треба да преминат преку неореалистичкото кон неофункционалистичкото/федералистичко кое многу повеќе се потпира на европските институции, според поделбата што ја прави Џон Пиндер. Меѓутоа не може да се исклучи ниту актуелниот политички период и перипетиите низ кои поминува Македонија на патот кон ЕУ. Нашиот отпор против укинување на татковината, националниот идентитет е сосема оправдан.

Роберт Шуман, еден од татковците на ЕУ, во „За Европа“ со својот беспрекорен мемоарски израз ќе напише: „Па, сепак, се’ додека една нација не ја усоврши својата структура, своето внатрешно единство, се’ додека нејзиното постоење или нејзината независност се изложени на закана, се’ додека нејзините соседи се однесуваат како соперници и противници, токму национализмот, славењето на патриотското чувство, го претставува најчистиот израз на граѓанска должност“. Она што не го разбираат или не сакаат да го разберат некои од нашите академици прокламатори на антиграѓански национализам е финалето на овој цитат: „Потоа, како што често се случува кај луѓето, тоа што е доблест се изопачува во мана, тоа што било легитимен рефлекс на заштита и одбрана – станува извор на судири и несигурности“.

Објавено во „Дневник“ 29.09.2009 г.

Објавено во „Македонија нација“

Кога Јудејците згрешиле, Бог испратил отровни змии за да ги касаат и секој каснат умирал. Мојсеј, по заповед Божја, направил една бакарна змија и ја подигнал на еден стап. Секој каснат човек, кој ќе ја погледнел змијата, оздравувал.

Македонија деновиве ќе ја добие својата Арена, досега недоизградениот стадион, кој долго беше симбол за недоизградената македонска државност, ќе биде конечно подигнат. Најпосле, едно триумфално достигнување! Несомнено е дека во тек е нормализација на општествените односи, најмногу со силна борба против криминалот и корупцијата, но и со засилена модернизација за создавање поцврсти институционални тврдини.Последниве години, сведоци сме на зголемување на интернет-корисниците во Македонија благодарение на се’ полесниот пристап. Тоа е бавно, но сигурно извлекување од транзицискиот вртлог. Од неверните контраши, ширењето на интернет-појасот беше дочекано со потценување и хиперболизирање на проблемите со инфраструктурата, кои несомнено се проблеми од големо значење, но истите не претставуваат алиби за непреземање иницијатива и одлагање на технолошката модернизација.

Во книгата “America’s Right Turn: How Conservatives Used New and Alternative Media to Take Power”, авторот Ричард А. Вигери, ги опишува моделите на конзервативците за употреба на алтернативните медиуми. Тој се повикува на протестантската реформација на 16 век, на Мартин Лутер кога во 1517 во печат ги објавува славните 95 тези, испечатени на тогашното технолошко чудо – Гутенберговата печатница. Тогашната папска власт и чуварите на застарениот феудален поредок, поради повеќевековната застоеност и инертност го потценија влијанието на печатниците што им овозможи протестантите ширум Европа да го рашират својот поглед на реформата која потоа прерасна во ново политичко-религиозно движење.

Денес македонските социнтелектуалци ќе ви кажат дека протестантскиот дух е апликативен кај американскиот конзервативизам, но не и православниот дух на македонскиот конзервативизам. Уметникот Александар Станковски, спротивно на тоа пак мрзливоста и најголемиот број негативни карактеристики на нашиот менталитет, ги смета за резултат на комунистичкиот византизам на темнината или култот на очајот. Да исчекориме од тој култ!

Во Америка денес конзервативците ги преземаат сите т.н. нови медиуми, особено интернет медиумите, како противтежа и демократски одговор на либералната диктатура на големите медиумски корпорации. Соодносот, исто како кај нас, во поглед на левица-десница е доста сличен, кај нас левиот естаблишмент наголемо доминира во традиционалните медиуми како телевизијата, печатот, радиото, со силна логистика на идеологизираниот граѓански сектор.

Блоговите, форумите, социјалните мрежи не треба да претставуваат аморфен хаотичен медиум, туку проширено подрачје на борбата на идеи и погледи, подлога за прикажување на поинаков агол на гледиштата.

Се разбира, бидејќи интернетот станува достапен еднакво за сите, тоа не мора да значи исклучиво употреба во политички цели. Таа е најверојатно и најмала пропагандна улога. Далеку поголемото значење на интернетот е како средство за развој на софтверската индустрија (која во развиените земји претставува до 15 проценти од целокупната економија) олеснување на услужната дејност, подобар пласман на земјоделски производи, учество на светскиот пазар со домашни продукти и идеи, унапредување на соработката меѓу општините како важна компонента за нивен развој по стандардите на ЕУ.

Субвенциите во земјоделството покажаа дека луѓето и од руралните подрачја, каде владее послаба писменост за мошне кусо време ги научија неопходните процедури за добивање државна помош. Денес пополнуваа апликација на хартија, утре земјоделците ќе пополнуваат преку интернет, самите или со љубезна помош на своите потомци. Не може да се замисли посериозна реформа во администрацијата која во иднина нема да се одвива по електронски пат.

Со учење англиски јазик, компјутеризација, усовршување на институциите на полето на ИТ-технологиите, Македонија, побрзо отколку во сите други области може да се доближи до развиениот свет.

Тоа може да биде благословениот поглед на библиската бакарна змија.

Објавено во „Дневник“ 28.07.2009 г.

„Во Швајцарија идеите за слободен живот, за правна држава, уште повеќе се зацврстија кај мене, особено кога видов, како може една држава, без војска, без жестока полиција, спокојно да напредува, и при наплив од најразновидни елементи. А пак во Германија културата и општествената и државната организација уште посугестивно влијаеја на мојот политички светоглед. Попаднат од ваква европска средина наново во бесправна Турција, беше природно што уште од првиот ден се разочарав.

Си мислев дека ќе можам слободно да се движам, да дејствувам како лекар“ – Христо Татарчев, прв претседател на ВМРО (1894 год.), современи идеи, некогаш револуционерни во империјална Турција, и денес дел од една традиција, која сакаме да ја конзервираме. Настрана од сите мистификации, идеологизации, што се македонските револуционери во предвечерјето на 20 век? Тоа се млади благородни интелектуалци, кои со својата пробудена национална и републиканска свест одбиле да се корумпираат како чиновници на Егзархијата.

А што денес се декларира како револуционерно по страниците на „слободниот“ печат? Дали се тоа антиконзервативците? Оние левичарски идеолози, кои ограничени од еднолична наобразба, побрзаа со своите предрасуди кон конзервативизмот како кон амишко движење, да гледаат на информатичката агенда како на анахронизам. Колку проста грешка, модерната технологија е приоритет на конзервативизмот. Конзервативизмот исто така почива на идејата за унапредување на новите медиуми каде контролата на слободната мисла е невозможна.Дали е тоа имагинарниот г-дин? Наслов со кој треба да полемизираме, во кој се кријат политновинари, колумнисти, кои исто како во стариот добар социјализам, симулираат народна волја во отсуството на македонскиот Иди Амин, кој го нема на јавната сцена долго?

Или тоа е таблоиден политички неделник близок со старите елементи, кој постојано објавува дека Владата е коруптивна. Како конзервативец кому владеењето на правото му е императив, сакам да знам кој точно е обвинет, но доказите недостасуваат. Се во тој чаршиски постмодерен колаж се празни фрази. Во обидот за создавање јавна хистерија се слушаат и засипнатите рафали од помалиот таблоиден брат по жанр, божем со лева идеологија, кој се јавува со засилени мобилизациски пароли. Се смета ли за таква појава најновата травестија на левучарот кој ќе го воспоставувал капитализмот, а кој во не помалку мрачен стил прави вамп-сеанси кога ќе намириса крв и хонорари во некој претстоен преговарачки процес и ги остава на цедило своите сфрјовски рецидивисти?

Можно ли е да е тоа вечно намуртениот, како зол кловн, ценет уметник кој театрално се огласува во неопартизански илегални прогласи прашувајќи: ‘Овде се фашистите, каде се антифашистите?’ Не ви се чини ли дека постојаните обиди за дисциплинирање со повикување на духот на антифашизмот не претставуваат психолошки трик за игра со потсвеста преку колективната меморија. Нашиот човек како субјект на превоспитување беше подложен на обликување на субмисивен менталитет кој не е природно својствен за нас, туку вграден преку санкции на кои под потписот на извршителот стоеше: Смрт фашизму, слобода народу!

Се разбира дека сите горенаведени не се. Револуционерите, тоа сте вие, чесните граѓани кои неуморно работите. Вие кои ги презирате назадните методи на неокомунистичкиот култ. Вам не можат да ви скријат дека се декларираат за про-европејци само за да го затскријат интимниот и политички срам за тоа дека низ 90тите не се македонизираа. Ниту нивната флексибилност во преговорите со името е од искрени про-ЕУ мотиви, туку од желба што побрзо да се исчистат од фиромјанскиот грев.

Незгодно ми е, како од недостоен противник, од естаблишментот на стариот уморен поредок кој несомнено не ќе го промени своето провинциско лице, настојувајќи да ги конвертира граѓаните во социјални случаи кои треба да живеат од милостина, и уште долго ќе јава на бранот на лажното народњаштво и на негативните страни на нашиот стекнат самопотценувачки менталитет со отпор кон промените и реформата. Само забрзано европско интегрирање значи продолжување и виталност на македонската култура, а со тоа и заштита на националниот идентитет, намалување на влијанието на локалните криминални братства, поттикнување на конкуренција, слободни медиуми кои нема да зависат од амбициите на нивниот газда на кој ако не му се одоброволи ќе нареди хистерична антивладина кампања придружена со оркестрирани шок-терапии. Ние сме и повеќе од способни за тој гигантски чекор. По охрабрувачките сигнали од Брисел, неопходно е да се додаде туража, да се процени правилно историскиот момент, да се зграпчи шансата, што ќе значи и исполнување на тестаментот на Татарчев и револуционерите од 1894 година.

Објавено во „Дневник“ 21.07.2009 г.