Колку луѓе загинуваат при несреќен случај затоа што не сакаат да го испуштаат чадорот од рака…
Андре Жид

Младиот писател Жарко Кујунџиски во својата последна колумна ни објаснува дека има 30 години и дека ги исполнува сите услови да биде вработен во државата: поседува добар факултетски просек, го цитира Блаже Конески, го брани јазикот за кој многумина предвидуваат дека по 100-ина години заедно со стотици други мали јазици може да исчезне пред налетот на глобализацијата итн.
Тој несомнено поседува голема дарба, високо е продуктивен, дури пишува(л) пофални рецензии за М. Манчевски.
И стварно, без иронија велам, ако оваа држава нема работа за него, таа навистина не заслужува да биде признаена и респектибилна!
Но, државната работа нема да те направи подобар писател.
Може да те направи национално значаен, политички релевантен, да ти понуди комодитет, сигурност, церемонијални почести, референца за магистерски и докторски тези, но никако и добар автор.
Сепак, неговата банална колумна кулминира во помалку самосожалив тон: Јас сум заслужен за македонската култура, каде е наградата?
И не запира овде, загрижен е меѓу останатото и за генерацијата, нацијата, младината која лока во кафулиња, продолжувајќи во тој манир и давајќи си преголема тежина врз плеќите.
Слободно може да здивне и да им каже Фак оф на набројаните колективитети.
Или уште подобро, да ја поседува леснотијата од анегдотата за двајцата битолски кабадаи.
Имено, едниот од нив, Беличот, го изгубил (го ребалансирал буџетот?) паричникот во кој имало само неколку метални парички кога почнал да туфка, да жали; се разбира, другарот го тешел и кога ја исполнил неопходната квота, Беличот, кој изгубил ситно, божем помирено изрекол: Добро, ете се случи! Оние што ќе го најдат паричникот… нека се изнајадат, нека се изнапијат!
Во светот сепак постои нешто што се вика американска биографија, често базирана на вистини, но и на фабрикувани податоци се’ со цел да се креира писателски мит: во нив пишува дека американски писатели работеле како: физикалци, шофери, виљушкари, поштари, заварувачи, а поретко како новинари, репортери, известувачи, во краен случај предавачи по креативно пишување.
Америка е сурова кон уметниците, но затоа, ако некој успее, добива убава жена, базен и „бмв“.
Додека полемизирам со колегата, ме затекна веста за смртта на академик Гане Тодоровски, и верувам со тоа заврши една цела епоха.
Веројатно ќе следат многу посвети, испраќања, комеморации.
Живо ќе биде и во Друштвото на писателите.
Тие, се чини, како да се специјализирани за комеморации, може ќе наплаќаат на саат, може да вклучат дополнителен аранжман, можност за избирање боја на чаршафи или свеќи, можност за избирање на композицијата што ќе се слуша во позадина додека се читаат рефератите и други услуги.
Во последно време, како да живеат исклучиво за искажување понекоја пригодна реч и почест, заборавени се сите стари ривалства, подметнувања, интриги, пред длабоката старост, си читаат едни на други, или пак којзнае, на себе.
Се надевам дека надминуваме една епоха на континуиран Nation Building, и претерана национализација на јавната сфера; некогаш словенска, комунистичка, македонистичка, а денес античка, во која писателите играат улога на политичари, и каде не се претпочита литературниот квалитет и личниот интегритет, туку кобајаги патриотската заслуга која не е ништо друго, освен голо оправдување или интелектуално легитимирање на валканиците и лудите идеи на власта.
Не е ни чудо што на крајот на 80-тите, овие македонските писателски великани при нивниот политички поход беа грубо одбиени од народните маси; не пројдоа нивните мазни раце; наполно беше презрена нивната салонска фразеологија; нивниот опортунизам, калкулантство, суета; им делуваа како паразити кои не дигнале ништо потешко од килограм, кои живееле удобно на Водно пишувајќи го 6. издание од втората и дополнета верзија на дневникот на Мисирков.
Треба да се престане да се живее со мегаломанска идеја за себе како за национално богатство, како дежурен психоаналитичар за духовното здравје на цела нација, ангажман ала Добрица Ќосиќ, може да прифатиш дека си обичен смртник, кој се занимава со еден од занаетите (но не станува занаетчија) и пишува популарна проза наменета да се чита и надвор од татковината.
ФАК (Јерговиќ, Томиќ, Поповиќ) во Хрватска, неоптоварени од формалистички постигнувања или книжевна техника, ја преродија хрватската литература со таа ‘пазарна’ и естрадна намера.
Време е на официјалната владејачка идеологија да и’ се контрира не само со индивидуализмот и европските вредности, туку и федералистичките идеи за регионалното поврзување, присутно кај многу револуционери на ВМРО, кај партизаните.
Чадорот на нацијата неопходно е да се испушти низ рака…
Објавено во „Дневник“ 25.05.2010 г.








Последни коментари